Во големото дерби од Лигата на шампионите, Кил на домашен терен ја победи Барселона со 28-26, во првиот натпревар од четвртфиналната пресметка за пласман на Ф4 турнирот во Келн. Кире Лазаров и Борко Ристовски со Барселона и покрај поразот имаат „активен“ резултат и можност да ги надополнат достижните два гола негатива на реваншот во „Блауграна“ на 29 април.
Во извонредниот дуел во „Шпаркасе Арена“, Кил и во ослабен состав без капитенот Домагој Дувњак кој паузира поради повреда, одигра врвен натпревар, речиси во текот на целиот натпревар Кил беше во предност, диктираше темпо и стигна до посакуваниот триумф. Барселона на овој меч само еднаш имаше минимална предност и тоа уште на стартот кога поведоа со 1-2. Во остатокот од дуелот, Кил ја имаше иницијативата и резултатската преднсот на своја страна.
Кил имаше фантастичен старт во натпреварот и водство од 9-5. Марко Вујин беше незадржлив за одбраната на Барселона во овој дел од натпреварот. Но во финишот на полувремето, Барселона ги консолидира своите редови. Изедначување на Барселона и донесе поранешниот капитен на Кил, Филип Јиха, погодувајќи за 15-15 на една минута пред крај на првиот дел на крај заврши со гол предност за германскиот тим (16-15).
Тактичкото надмудрување на двата ракометни гиганти и неизвесноста продолжи и во второто полувреме во кое Кил успеа да ја задржи позитивата, достигнувајќи и највисоки +4 , прво на 23-19, а потоа и на 25-21 и 26-22. На седум минути пред крај Рене Тофт Хансен за фаулот врз Ваел Жалуз доби директен црвен, а потоа и син картон во моментите кога Кил имаше највисока предност од 26-22. Барселона ја искористи предноста со играч повеќе и во финишот на мечот успеа да ја намали негативата на два гола. Гостите имаа шанса да го завршшат мечот и со минимална разлика, но Жалуз не успеа да го реализира завршниот шут кон голот на Ландин.
Дури 12 играчи на Барселона се запишаа во листата на стрелците на овиој меч. Најефикасен беше Раул Ентрериос со четири погодоци. Кире Лазаров го заврши мечот со двата погодоци постигнати во првиот дел. Борко Ристовски беше на голот на Барселона во првото полувреме и заврши со три одбрани. Во составот на Кил, голгетерско шоу имаше десниот бек Марко Вујин со 10 погодоци, а максимнални шест од шест постигна Никлас Егберг.
Четвртфинале во ЛШ, први натпревари:
Фленсбург – Вардар 24-26
Веспрем – Монпелје 26-23
Пик Сегед – ПСЖ 27-30
Кил – Барселона 28-26
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА