Реал Мадрид е подготвен да го комплетира трансферот на Килијан Мбапе за летниот преоден рок, а челниците на Барселона планираат да одговорат соодветно – со потпис на Ерлинг Халанд. Шпанските медиуми денеска објавија дека Жоан Лапорта е решен да донесе суперѕвезда во нападот за Барса повторно да атакува на трофејот, но првиот човек на Барселона најверојатно ќе мора да почека уште една година за да осигура таков потпис во трансфер вреден над 100 милиони евра.
Причини има неколку, водечка е што Халанд смета дека мисијата во Манчестер Сити не му е завршена и планира да остане уште една година во Премиер-лигата пред да се пресели во друг европски шампионат. Италијанските клубови немаат финансии за да дозволат ваков мегатрансфер, додека Реал Мадрид е без преголеми шанси во оваа трка бидејќи со Халанд и Мбапе во ист тим постои сериозен ризик од незадраво ривалство и уривање на атмосферата во екипата.
Барселона го следи норвешкиот голгетер подолго време, Жоан Лапорта беше загреан за Халанд уште во 2021 година, но финансиските проблеми (тоа лето си замина и Лео Меси) беа причината поради која преговорите не влегоа во напредна фаза. Лапорта не се откажува, па уште сега разговара со агентите на голгетерот подготвувајќи се за офанзива. Летово тоа тешко дека ќе се случи, ако се знае дека Барса се уште е со финансиски проблеми кои спречуваат да биде потрошено богатство на еден играч во престојниот преоден рок.
Згора на тоа, Роберт Левандовски има договор и за следната сезона, Полјакот веќе одби плата од 100 милиони евра од Саудиска Арабија и јасно стави до знаење дека нема намера да си замине од Барселона до истекот на договор. Тој воедно е и најплатен фудбалер на каталонскиот гигант, па дури по заминувањето на Полјакот во буџетот за плати (што во Шпанија е крајно ригорозен) би се отворил простор за нова мегаѕвезда во тимот, за Халанд да дојде на „Камп Ноу“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА