Барселона е пред голем предизвик вечерва на „Камп Ноу“. Има огромна негатива против ПСЖ (0-4) од првиот меч на „Паркот на принцовите“, но Лионел Меси и соиграчите веруваат дека можат да го сторат невозможното и да го елиминираат францускиот првак од Лигата на шампионите. Досега тоа после ваква негатива не му успеало на ниту еден тим во историјата на европските купови. Но, ако некој и би можел да стори вакво чудо, тоа е каталонскиот гигант со Лео Меси, Нејмар и Луис Суарез во нападот.
Каталонците како лајт-мотив за овој меч го земаа камбекот на Њу Ингланд патриотс, шампионот на НФЛ – лигата, кој успеа да направи неверојатно враќање во последната четвртина на Супербоул. „Патриотите“ имаа негатива од 28-3 во ова финале, но успеаја да израмнат до крајот на регуларниот дел од мечот, а потоа во продолжението и да стигнат до триумф.
„Ќе биде многу тешко, но не е и невозможно. Веруваме дека можеме да направиме подвиг. На последните два меча постигнавме 11 гола, зошто тоа да не го сториме и против ПСЖ“, изјави Луис Суарез, најавувајќи интересен реванш на „Камп Ноу“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА