Барселона минатата седмица испадна од Купот на Кралот, а потоа беа совладани од Виљареал на „Монжуик“ со голем пресврт.
После поразот од „жолтата подморница“, тренерот Чави ги шокираше сите откако кажа дека по завршувањето на сезоната ќе ја напушти клупата на Барселона.
Веднаш почнаа шпекулациите околу тоа кој ќе биде новиот тренер на „Каталонците“, а во сите варијанти се споменува и легендата на клубот, Пеп Гвардиола.
Актуелниот тренер на Манчестер Сити пред неколку дена кажа дека нема веќе никогаш да биде тренер на Барселона, а потоа не можеше да го избегне прашањето за Чави и неговиот поранешен клуб.
„Во целост го разбирам Чави и ја поддржувам неговата одлука. Притисокот на тренирање на Барселона не може да се спореди со ниту еден друг клуб. Неподнослив е. Притисокот на работа во Шпанија и во Англија не се споредува. Тоа можам да ви го потврдам од лично искуство. Во Манчестер Сити ги имам условите кои секој тренер може да ги посака, атмосферата е одлична, управата ме поддржува, исто и навивачите. Во Шпанија притисокот е илјада пати поголем. Ова тука во Англија е идеална средина за тренери. Нормално, има многу натпревари, конференции, медиуми, но сето тоа е лесно. Барселона е приказна за себе. Кога си одев, морав да земам три месеци одмор за да се опуштам. Набрзо станав тренер на Баерн Минхен, но одморот добро ми дојде“, изјави Гвардиола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА