Фудбалскиот клуб Барселона вечерва соопшти дека Европската фудбалска федерација (УЕФА) не покренала нова постапка против каталонскиот тим поради случајот „Негреира“.
Каталонскиот тим вечерва во официјално соопштение се огласи по веста дека Реал Мадрид доставил документи поврзани со случајот „Негреира“ и демантира дека е покрената нова постапка.
„УЕФА не покренала никаква нова постапка против Барселона. Постапката е покрената во 2023 година со именување на двајца истражители кои од тогаш преземаа дејствија кои ги сметаат за соодветни. Барселона секогаш постапувала во согласност на нивните барања. Оваа постапка не е повторно покрената бидејќи никогаш не ни била завршена“, стои во соопштението на Барселона.
Барселона исто така соопшти дека УЕФА потврдила дека добила документи кои ги доставил Реал Мадрид и истакнува дека истражителите треба да ги испитуваат документите во склоп на започната истрага.
„Во самиот текст два пати јасно се наведува дека станува збор за активна истрага и ревизија и никаде не се најавува повторно отворање на постапка против Барселона. На истражителите е да одлучат што ќе преземат во врска со новата документација. До денеска, не доставиле никакви барања до Барселона. Доколку тоа го сторат, Барселона ќе постапи на начин како што и досега го правеше тоа“, стои во соопштението на Барселона.
Шпанските медиуми потсетуваат дека Барселона е обвинета дека во минатото исплатила неколку милиони на поранешниот потпретседател на судискиот одбор на Ла Лига, Хозе Марија Енрикес Негреира. Барселона уште од првиот момент кога се појавија обвинувањата тврди дека на фирмата на Негреира и плаќала за анализа на судењата, а не за делегираат подобни судии на нејзините натпревари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
