Барселона во драматична завршница спаси победа против Висла Плоцк

Со пресврт во последните две минути, Барселона славеше минимална победа против Висла Плоцк со 28-27 во натпреварот од А групата во Лигата на шампионите и се приближи на два бода разлика од Вардар на првата позиција. Полскиот тим беше во предност во поголемиот дел од натпреварот и беше на праг на сензација во ЛШ, но не се снајде најдобро во финишот, ја испушти предноста и на крај не успеа да спаси ни бод во овој дуел.

Висла Плоцк пружи неочекувано силен отпор и не и остави простор на Барселона да се одлепи во првото полувреме. Домаќините беа во предност во првата половина од мечот, но само еднаш, на 6-4, дојдоа до два гола разлика. Финишот од полувремето одново беше во знакот на полскиот тим кој постигна три гола во серија и на одмор замина со предност од 14-15.

Полскиот вицешампион ја задржа позитивата и на стартот од второто полувреме и стигна и на +3 (15-18). Сигурната игра во одбраната и брзата и ефикасна реакција во нападот на Висла плоцк на гостѕите им донесе водство од  22-18, а потоа и 23-19 на стартот од последната четвртина од натпреварот. Емил Ракотеа и Гиљермо де Толедо беа нерешлива енигма за одбраната на Барселона и ја одржуваа Висла Плоцк во водство, а дополнителни проблеми на Шпанците им задаваше и голманот Марчин Вихари. Конечно, на десет минути пред крај, Барселона дојде до ново изедначување со погодокот на Ваел Жалуз за 24-24. Но, и Висла Плоцк не се предаваше и во наредните минути се играше гол за гол.

На пет минути пред крај, Висла остана со играч помалку по исклучувањето на Игор Жабиќ, но Барселона и со играч повеќе не искористи две шанси по ред да дојде во водство. На минута пред крај Раул Ентрериос беше прецизен за прво водство на домаќините во вториот дел (27-26). Висла успеа брзо да изедначи (27-27), а на четириестина секунди пред крај полскиот пикер во дрсот на Барселона, Камил Шипжак го постигна победничкиот гол за својот тим. Гостите го имаа последниот напад за бод, но шутот за реми заврши над голот на Барселона.

Јуре Доленец со шест и Раул Ентрериос со пет гола беа најефикасни во составот на Барселона. Гонзало Перез де Варгас заврши со 14 одбрани на голот на Барселона, а Борко Ристовски на овој меч остана на клупата. Кај Висла Плоцк листата на стрелците ја предводеа Ракотеа и Де Толедо со по пет гола.

Се вчитува...