Шпанскиот гигант Барселона доживеа неочекувана елиминација во четвртфиналето на Лигата на шампионите од Рома и тоа е знак за раководството на клубот дека ќе треба да повлече неколку нови потези во летниот преоден рок. Дефинитивно е јасно и дека капитенот Андрес Иниеста ќе си замине од „Камп Ноу“ и кариерата ќе ја продолжи во Кина, а клубот е во потрага по идеално решение за негова замена.
Како што објавија италијанските медиуми, една од најверојатните опции е Луис Алберто, офанзивниот играч за врска на Лацио. Неговата цена се проценува на околу 30 милиони евра. Тој оваа сезона постигна десет гола и реализираше 16 асистенции за „лацијалите“ во сите натпреварувања.
Покрај него, Барселона е заинтересирана и за ангажман на Антони Марсијал, францускиот интернационалец кој не добива голема минутажа кај Жозе Мурињо во Манчестер јунајтед. Каталонскиот клуб е подготвен да плати 60 милиони евра за да го добие одличниот крилен играч.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА