Баршим за историја, Кубанките ја детронизираа Сандра Перковиќ

Мутаз Еса Баршим ја израдува домашната публика освојувајќи го златниот медал во скок височина. До победата тој стигна со скок од 2.37 метри што беше најдобар скок во светот сезонава. Сребрениот и бронзениот медал им припадна на руските атлетичари Микаил Акименко и Илија Иванјук. За Баршим ова беше второ злато на светските собири со што се израмни со легендарниот Хавиер Сотомајор.

Во женското фрлање диск кубанските атлетичарки ја прекинаа доминацијата на легендарната Сандра Перковиќ од Хрватска. Јаиме Перез со фрлени 69.17 метри го освои златото, додека сребрена беше нејзината сонародничка Дение Кабалјеро со фрлени 68.44 метри. Сандра Перковиќ која сезонава не е во нејзината препознатлива форма со 66.72 ја освои само бронзата.

На последната трка од програмата на 400 метри титулата ја освои Стивен Гарднер од Бахамите со второ најдобро време сезонава од 43.48, пред Ентони Хозе Замбрано од Колумбија и Фред Крли од САД.

На 3000 метри стиплчес во неизвесна завршница златото му припадна на Кениецот Конселус Кипруто кој за само една стотинка беше подобар од второпласираниот Ламеша Гирма од Етиопија. Со бронзата се закити Суфиан ел Бакали од Мароко.

Претходно денеска во најдобрата трка на шампионатот Далила Мухамед го урна светскиот рекорд во 400 метри со пречки со време од 52.16 секунди. Втора беше нејзината сонародничка Сидни Меклафлин додека бронзата и припадна на Рашел Клејтон од Јамајка.

Се вчитува...