Башкими и неговото срамно поигрување со честа на клубот и навивачите…., но и македонскиот фудбал!

Кумановски Башкими повторно е во центарот на вниманието на македонската фудбалска јавност, и повторно за момент кој најмалку соодејствува на неговата фудбалска традиција како клуб, но и честа на сопствените навивачи кои долги години го чекаа враќањето во елитата.

Случувањата на натпреварот во Гостивар, и пресметката на кумановци против Арсими е срамно поигрување со честа на клубот и страста и љубовта на навивачите кон клубот, но веќе и дефинитивно срамно поигрување и со македонскиот фудбал. Апсолутно е познато за скандалот во кој Башкими се најде на крајот од минатата сезона и местењето на натпреварот со Кожуф во Гевгелија, еден од клучните во битката за влез во Првата македонска фудбалска лига. Токму за тој случај, од страна на Фудбалската федерација на Македонија, но и соодветните државни институции, се води постапка против членови на управата на клубот. МВР го потврди и документираше случајот за кој согласно доказната постапка се очекуваат соодветни пријави, за да сега Башкими повторно, само неколку месеци потоа, скандализира уште еден натпревар од македонската лига.

Апсолутната незаинтересираност на фудбалерите на Башкими за било каква одбрана на својот гол, новиот траги-комичен однос на очиглед на сите присутни на стадионот во Гостивар, но и целокупната домашна спортска јавност, е уште еден срамен акт кој веќе серизно го вклучува „алармот“ за односот на клубот и кон својата историја, но пред се и за девалвацијата на македонската фудбалска игра.

Актуелното раководство на ФФМ, предводено од Масар Омерагиќ, наспроти долгодишниот скептицизам кој доминираше во македонскиот фудбал со справувањето на девијантните појави, изминатиов период отворено покажа дека е цврсто решено да застане на патот на секој анти-спортски елемент на домашната сцена. Сериозен доказ за тоа се доживотните суспензии за поединци и фудбалери изречени изминативе месеци, казни кои во минатото апсолутно беа „непознаница“ за дисциплинците, а кои се јасен показател за актуелната одлучност на ФФМ. Доживотна суспензија на фудбалерите од Беса Слупчане, поради физички напад и обид за линч на противнички фудбалер по завршување на натпреварот во Третата лига – Север, но и исклучувањата од фудбалското семејство за вклучените во тешкиот инцидент во Штип, експресната реакција на надлежните и за инцидентот во Прилеп и нападот на фудбалерите на Шкендија Арачиново, како и соодветните кривични пријави, се повеќе од сериозен патоказ за начинот на кој единствено може македонскиот фудбал да се справи со долгогодишните аномалии.

Истиот начин, веројатно треба да се примени и кон клубовите, кои на очиглед на јавноста, со скандалозниот однос на терен „во лице се потсмеваат“ на секој обид за зачувување на интегритетот на домашниот фудбал. Затоа што, впрочем, и не постои друг начин! Па, ако е неопходна и ‘доживотна суспензија’….

Се вчитува...