Фудбалерите на второлигашот Башкими од Куманово, како што е познато, во пролетната сезона ќе стартуваат со нов тренер. Башкими се раздели од досегашниот тренер Флорим Имери, а нов шеф на стручниот штаб е Баже Јанакиевски, кој есенва прво беше тренер на Локомотива од Скопје, а потоа на Саса од Македонска Каменица. На крајот на есенската сезона, во конкуренција на 16 клубови, Башкими со освоени 18 бода се наоѓа на 10. место, што не гарантира сигурен опстанок во второлигашкото друштво.
Токму и затоа дојде до смена на тренерската клупа, Башкими покрај нов тренер, ангажира и неколку нови играчи за да ја засили екипата. Тоа се Христијан Митревски, кој играше за Локомотива, Тетекс и Саса, потоа досегашниот играч на Вардар Фитор Реџепи, како и Дарко Ивановски кој потекнува од генерацијата на Вардар. За Башкими потпишаа и искусните Хусеин Демири, кој има настапувано за клубовите Феризаит и Лачи од Косово, Охрид и Шкупи и Амар Емрули кој едно време го носеше дресот на Шкендија и Ренова.
Фудбалерите на Башкими веќе десетина дена тренираат под раководство на новиот шеф на стручниот штаб Баже Јанакиевски, во план се и неколку пријателски контролни средби со Арсими, Скопје и Вардар со кого клубот има одлични односи.
„Цело фудбалско Куманово живее за Башкими. На првиот тренинг пред пролетниот старт, на трибините беа присутни голем број наши навивачи , што јасно покажува колку го сакаат клубот, ни рече новиот спортски директор Бурак Хида. Сигурен сум дека ќе обезбедиме опстанок, дури верувам дека на крајот ќе се пласираме во горниот дел на табелата бидејќи сега имаме далеку подобра екипа. Може да се случи да ангажираме уште двајца играчи, веќе разговаравме со нив бидејќи изразија желба да играат за Башкими“ – вели секретарот на клубот Авни Нухиу.
М.М
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА