Со натпреварот меѓу Башкими и АП Брера, денеска во Куманово официјално се отвора 20. коло во Првата македонска фудбалска лига. По првиот пораз во пролетниот дел од сезоната на гостувањето кај Вардар, кумановци се враќаат на домашен терен со јасна цел – втора победа пред својата публика.
Тренерот на Башкими, Баже Јанакиевски, може да биде задоволен од дефанзивната линија која на последните три натпревари прими само еден гол. Сепак, тимот се соочува со сериозен проблем во пресрет на денешниот дуел.
Клучниот дефанзивец Реџеп Мурати е суспендиран на четири натпревари со одлука на Дисциплинската комисија, што претставува голем удар за задната линија на кумановскиот состав.
Овој натпревар ќе биде посебно емотивен за Фодај Травали, кој во зимскиот преоден рок пристигна во Куманово токму од редовите на АП Брера.
„Знаеме колку е важен овој натпревар за нас. Целосно сме подготвени и фокусирани на освојување на трите бода. Секогаш е прекрасно чувство да се игра против поранешниот клуб и против поранешните соиграчи“, изјави Травали.
И покрај респектот кон противникот, тој потенцира дека бодовите мора да останат во Куманово:
„Сите знаеме дека АП Брера е квалитетна екипа со добри поединци, но во овој момент мојот фокус е исклучиво на Башкими. Сакам да му помогнам на тимот колку што можам повеќе и се надевам дека денеска ќе се радуваме на победа.“
Натпреварот Башкими – АП Брера ќе се игра на стадионот во Куманово, се почеток од 14 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

