Баскет Кам и Крива Паланка во борба за трофејот во Купот на Македонија

Баскет кам и Крива Паланка се финалистите нс 34. издание на финалниот турнир од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“. Двете екипи кои се водечки во  Првата лига, ги оправдаа фаворитските улоги во полуфиналните мечеви.

Домаќинот, иако без помошта на Сања Адамовска, својот стартен плејмејкер, го совлада мотивираниот состав на МЗТ Бела вода. Додека уште поубедлив беше настапот на кошаркарките од Крива Паланка, кои славеа со висока разлика во мечот против екипата на Бадел 1862.

Оттука, вечерва од 18 часот, во салата „Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица, не очекува еден возбудлив и неизвесен натпревар, во кој победникот ќе биде наследник на скопски Вардар..

Со оглед на тоа дека играат на домашен терен, а извесно ќе може да сметаат и на Адамовска, мошне важен играч во ростерот, Баскет кам е во некоја предност, како и она акумулирано искуство кое го имаат собрано низ последните четири-пет години во кои освоија и три трофеи во ова натпреварување.

Иако е во улога на дебитант, извесно е дека и екипата на Крива Паланка влегува со посебни мотиви, за прв пат во постоењето на клубот да го подигне победничкиот трофеј во ова натпреварување.

Имаат доста свои адути, не само американските, туку и домашни, во кошаркарки како Михаела Алексовска, Глорија Груевска, Тамара Ѓорѓиевска, кои, и во полуфиналето покажаа дека се подготвени да одат до самиот крај, и добрите игри од првенството да ги преточат во најважната победа во досегашниот дел од сезоната.

Се вчитува...