Шпанија ќе има три претставници во плејофот од Евролигата откако Басконија стигна до последниот билет за доигрувањето, во финалето од плејинот славејќи над Виртус Болоња со резултат 89-77. Откако пред неколку дена беа демолирани од Макаби, избраниците на Душко Ивановиќ овојпат беа на висина на задачата, успеаја да се одлепат резултатски во второто полувреме и да стигнат до триумф кој им го носи осмото место и четвртфинална серија со Реал Мадрид.
Првото полувреме мина во израмнета битка, на одмор се замина со 42-42, но затоа Басконија одигра доминантно во третата четвртина. По само неколку минути игра шпанскиот состав стигна до двоцифрена предност, а благодарение на одличните Хауард и Мекинтаер го доби овој дел од мечот со преубедливи 31-16. Останатите десет минути минаа во рутинско одржување на убедливата предност, за огромна радост на домашните навивачи во Виторија.
Хауард беше најефикасен со 28 постигнати поени, но Американецот шутна неверојатни 19 тројки на овој значаен меч (8/19). Костело постигна 19, а Седекерскис 16 поени за Басконија, додека најефикасни кај Виртус Болоња најефикасни беа Шенгелија со 16 и Хакет со 13 поени.
За потсетување, покрај Реал Мадрид – Басконија, во останатите четвртфинални серии од Евролигата ќе се сретнат Панатинаикос – Макаби, Монако – Фенербахче и Барселона – Олимпијакос. Плејофот во елитното европско натпреварување официјално ќе стартува на 23 април.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА