Шпанскиот евролигаш Басконија се соочува со огромен проблем при самиот крај на регуларниот дел на сезоната. Избраниците на Душко Ивановиќ во „фото-финиш“ се обидуваат да стигнат до осмата позиција на табелата и да се пласираат во плеј-офот.
На две кола пред крајот Басконија заостанува една победа зад осмопласирната Манреса, а и покрај тоа што се надеваат на кикс на противникот ќе мораат да бидат перфектни во средбите со Мурсија и Реал Мадрид за што имаат и дополнителен притисок бидејќи може да останат и без евролигашката лиценса, пренесува специјализираниот медиум за кошарка „Баскет Њуз“.
Евролигата во договорите со сопствениците на „А“ лиценса има и клаузула според која може да биде суспендирана на одредено време доколку клубот во националното првенство ја заврши сезоната во долниот дел на табелата.
Долниот дел на табелата се одлучува по формула „половина учесници + половина позиции“ што во конкретен случај во Шпанија чија лига брои 18 клубови значи деветто место или пониско.
За среќа на Басконија, поради серијата на порази на Хувентуд со четири загубени средби во последните пет кола клубот има минимални шанси за заврши на десеттото место.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА