Вечерашните натпревари од последното коло од регуларниот дел од сезоната во Евролигата дадоа одговор која екипа ќе го освои седмото место и во четвртфиналето ќе се сретне со Фенербахче. Тоа ќе биде Басконија, која вечерва по голема битка загуби од Анадолу Ефес со 79-81, но шпанскиот тим остана на седмата позиција благодарение на поразот на Химки во Барселона. Пуарие и Шенгелиа беа први стрелци на Басконија со по 17 поени, додека најдобар поединец кај Ефес беше Меколум со 21 поен.
Химки загуби на гостувањето против Барселона со резултат 86-82, со што рускиот тим го освои осмото место и во четвртфиналето ќе се сретне со тимот на ЦСКА Москва. Барса имаше водство од 86-75 на 90 секунди до крајот, но потоа Химки предводен од Швед влезе во фуриозен финиш, дојде до 86-82 и напад, но сепак руската екипа не успеа да приреди сензационален пресврт.
ЦСКА Москва славеше над Црвена звезда со 92-81, за заокружување на одличните настапи во регуларниот дел од сезоната, во кој рускиот гигант го освои првото место. „Црвено-белите“ настапија без повредениот Перо Антиќ и неочекувано го контролираа резултатот до средината од третата четвртина, кога ЦСКА заигра во својот препознатлив ритам, направи пресврт и на крајот стигна до двоцифрена победа. Воедно, ова беше 100. победа на Итудис како тренер на ЦСКА Москва.
Фенербахче неочекувано загуби на домашен терен од Уникаха со 91-99, и тоа по продолжение од пет минути. Актуелниот европски првак се врати во самиот финиш и го одведе мечот во продолжение, но избраниците на Обрадовиќ потфрлија кога беше најзначајно и го загубија овој натпревар. Поразот сепак нема преголемо значење ако се знае дека Фенер во секој случај ќе влезе во четвртфиналето како второпласирана екипа во регуларниот дел од сезоната. Недовиќ беше во главна улога во Истанбул, постигнувајќи 31 поен против актуелниот првак на Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА