Џенсон Батон денеска повторно седна во болидот на Мекларен на првиот слободен тренин пред трката за ГН на Монако што ќе се вози в недела низ улиците на Кнежевството. Британскиот возач кој се повлече од настапите во Ф1, ја прифати понудата од Мекларен на трката во Монте Карло да го замени Фернандо Алонсо кој викендов ќе настапува во Индикар серијата во трката Индијанаполис 500.
Батон истакнува дека нема никаков притисок пред своето враќање во Ф1, освен оној во неговиот врат.
„Многу сум опуштен пред оваа трка. Всушност, сум возбуден. Интересно е да се вратиш во Ф1 само за една трка. А, тоа што се работи за трката во Монако, го прави враќањето уште повозбудливо. Веќе сум победувал овде, живеев овде 17 години. Поради тоа сум возбуден, но не чувствувам никаков притисок. Загрижен сум само за мојот врат, се друго ќе биде во ред“ – истакнува Џенсон Батон.
Болидите се значително изменети од оние што се возеа кога Батон се повлече од Ф1 на крајот од ланската сезона. Новите правила во аеродинамиката ги направија болидите многу побрзи. Тоа ќе биде една од новостите што ќе треба да ги совлада Британецот на трката во Монте Карло. Тој одби да го тестира болидот во апил во Бахреин и практично, прв пат седна во болидот на Мекларен на денешниот тренинг пред трката.
„Мислев дека ќе биде бескорисно да вежбам на потполно друга патека. Ќе беше подобро да можев да го тестирам болидот во подобра ситуација, но Ф1 не функционира така. Физичката подготовка воопшто нема да биде проблем, освен проблемите со вратот. Знам дека вратот ќе ми биде малку натечен после првиот тренинг, но во петок ќе имам слободен ден и мојот физиотерапевт ќе ме подготви за викендот. Тоа е предизви, но затоа сме овде, нели?“ – вели Батон.
На денешниот прв слободен тренинг во Монако најбрз беше Луис Хамилтон со Мерцедес, пред Себастијан Фетел со Ферари и Макс Ферстапен со Ред Бул. Батон во својот прв тест на болидот на Мекларен заврши на 14.позиција. Тој на тренингот повеќе беше фокусиран на долгите стинтови отколку на времето што ќе го постигне на еден круг. Неговиот клупски колега во Мекларен, Стофл Вандорн, имаше малку подобар резултат и на тренингот заврши на 12.место.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА