Батон се врати во Формула 1: Овој повик не можев да го одбијам

Поранешниот шампион во Формула 1, Џенсон Батон, ќе го замени Фернандо Алонсо зад воланот на Мекларен на годинашната трка за ГН на Монако. Шпанецот ќе ја пропушти трката бидејќи реши да го прифати предизвикот во САД и истиот ден ќе вози на трката Индијанаполис 500, а Мекларен го повика пензионираниот Батон да го замени Алонсо во нивниот болид.

„Овој повик не можев да го одбијам. Возбуден сум што за една трка ќе се вратам во Формула 1 и не можам ни да замислам подобро место од тоа од мојот втор дом и трката за ГН на Монако“– изјави 37-годишниот Џенсон Батон, победник на легендарната трка во Монте Карло во неговата шампионска 2009 година.

По завршувањето на ланската сезона, Батон се повлече од Ф1, а на негово место во тимот на Мекларен дојде Белгиецот Штофел Вандор, но Британецот кој живее во Монте Карло остана под договор како заменски возач во тимот.

Мекларен во првите две трки сезонава, за ГН на Австралија во Мелбурн и за ГН на Кина во Шангај, остана без ниеден бод и не беше конкурентен со водечките тимови. Третата трка од шампионатот во Формула 1, ќе се вози утре на патеката Сахир, за ГН на Бахреин.

Трката за ГН на Монако е шеста трка во календарот на Ф1 и на програмата е на 28 мај.

Се вчитува...