Пелистер в недела во Охрид ги пречекува „романтичарите“ во битката за третото место на табелата во шампионатот, а напаѓачот на „зелените“, Баже Илијоски, ќе игра против „својот“ Работнички. Тоа му дава уште поголем шарм на овој натпревар, кој ќе се игра на стадионот „Билјанини извори“.
А Илијоски вели – нема да се радува доколку постигне гол против Работнички.
„Тоа сигурно. Нема да се радувам доколку постигнам против Работнички. Тоа е мој клуб, многу години од кариерата ги минав во клубот од Дебар Маало, но тоа не значи и дека овојпат нема да го дадам својот максимум во дресот на Пелистер. Очекувам тежок и неизвесен натпревар, вистинска пресметка за третата позиција, а ние секако ги посакуваме трите бода. Мала пречка ќе биде лошиот терен на стадионот во Охрид, но, сепак, ќе се трудиме да одиграме најдобро што можеме“, вели Баже Илијоски.
Тој има максимален респект за Работнички и вели дека тоа е тим што може да одигра перфектно доколку има свој ден.
„Работнички е одличен тим, најголем дел од фудбалерите ги знам како дишат. И навистина се многу квалитетни, можат да одиграат перфектно доколку имаат свој ден. Сега во одбраната се засилени и со репрезентативецот Ванче Шиков, и тоа сигурно им дава дополнителна цврстина. Верувам дека и двете екипи ќе одиграат добар натпревар, а на крајот Пелистер ќе победи. Момците од Работнички апсолутно ги респектирам, дел од нив ми се како браќа, но кога играм фудбал ниту на брат не ми попуштил“, истакнува напаѓачот на Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА