Тренерот на Мешков Брест, Сергеј Бебешко, најави дека неговиот тим е подготвен да му се реваншира на Вардар за поразот во Скопје на стартот на сезоната во Лигата на шампионите, но и за последниот пораз во СЕХА лигата што го претрпеа на домашен терен и дека на денешниот дуел ќе има жестока борба. Вардар денеска (17.30 ч.) му гостува на Мешков Брест во претпоследното коло од групната фаза во Лигата на шампионите. Победата им е приоритет и на двата тима. Вардарци со два бода ја осигуруваат првата позиција во групата, а на Мешков Брест бодовите им се потребни во борбата за четвртата позиција на табелата пред осминафиналната фаза.
„Нашата цел е една – победа. Мислам дека по последниот пораз од Вардар на домашен терен во СЕХА лигата, мотивацијата кај нас треба да биде на највисоко ниво. Ако некој мисли дека работата во Лигата на шампионите е завршена, тогаш е во голема заблуда. Задачата ќе биде исполнета само ако играме и ако излеземе како победници. А, натпреварот со Вардар за нас треба да биде поголем предизвик од сите други. Со оглед на тоа што Вардар е прв во групата и што загубивме во првиот дуел со нив на почетокот на сезоната. Мислам дека на крај може и да освоиме некој бод…Ова ќе биде силна битка. За нас ова е еден од најважните мечеви во завршната фаза“ – истакнува Бебешко.
Во пресрет на денешниот дуел, тренерот на Мешков Брест ги издвојува главните адути на „црвено-црните“ , нагласувајќи дека Вардар игра многу посигурно во продолжението на сезоната.
„Во изминативе две сезони, Вардар го игра оној ракомет што го практикуваат сите шпански тренери. Многу предвидлив ракомет, а во исто време и многу ефикасен. На голманската позиција го имаат Штербик кој сега е во многу подобро издание отколку во првиот дел од сезоната и тоа се забележува во играта на Вардар. Имаат многу повеќе контранапади и поголема самодоверба. Тоа се главните предности на Вардар“ – вели Сергеј Бебешко.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА