Лара Гут Бехрами ја круниса извонредната сезона откако го осигура првото место во генералниот пласман, кревајќи го Кристалниот глобус по денешниот триумф на велеслаломската трка во австрискиот ски-центар Залбах. Со 32 години, Гут Бехрами испиша историја како највозрасна севкупна шампионка во една скијачка сезона.
Швајцарката стигна до десеттото место на денешната трка, што беше доволно за осигурување на големиот Кристален глобус, но и за титулата „најдобра во велеслалом“ оваа сезона, признание што Гут-Бехрами за прв пат го добива во својата фантастична кариера.
Таа има шанси да стигне до уште два мали кристални глобуса (во спуст и во супервелеслалом), со што би станала само четврта во историјата со четири трофеи во една сезона, нешто што досега им успеало само на Тина Мазе, Линдзи Вон и на Микаела Шифрин.
„Ова е неверојатно. Велеслаломот секогаш ми бил многу важен, затоа и денеска чувствував нервоза, затоа што толку многу го сакав пехарот. Знам дека скијав далеку под моите можности, но сепак имам 32 години и знаев дека најважно е да стигнам до целта и да ги освојам бодовите што ми беа потребни“, изјави Гут-Бехрами по големиот успех.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА