Реал Мадрид дефинитивно ќе биде без Герет Бејл на реванш натпреварот против Баерн Минхен за пласман во полуфиналето на најелитното европско натпреварување. Велшкиот фудбалер не се опорави од повредата на бутниот мускул со која се здоби во првиот дуел на „Алијанц“ арената. Зидан му даде одмор за мечот во домашното првенство против Хихон за да биде подготвен за „баварците“, но Бејл ја загуби трката со времето, па мечот повторно ќе го гледа од трибините.
На негово место најверојатно ќе настапи Иско, кој пак уживаше цели 90 минути во саботната пресметка против Спортинг Хихон и донесе победа од 3-2 во последните минути од натпреварот, а беше стрелец и на израмнувачкиот погодок во првото полувреме. Зидан има уште една опција на десната крилна позиција, тука е и Марко Асенсио. Младиот шпански репрезентативец асистираше при вториот погодок на Реал против германскиот тим, одлично го пронајде Роналдо во шестнаесетникот, а Португалецот го постигна стотиот погодок во Европските купови.
За кого ќе се одлучи францускиот стратег, ќе се знае пред утрешниот дуел против Баерн за пласман меѓу четирите најдобри во Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА