Герет Бејл се соочува со максимална суспензија од 12 натпревари по инситирањето на челниците на Ла Лига против асот на Реал Мадрид да биде покрената дисциплинска постапка поради начинот на прослава на голот на градското дерби со Атлетико. Велшанецот влезе во игра во второто полувреме и постигна гол за 1-3, но начинот на прослава според шпанските фудбалски власти бил навредувачки кон навивачите.
„При прославата на голот на Бејл, тој ја движи десната рака до висина на главата, како очигледна провокација кон публиката, а потоа со другата рака исто прави гест до половина од висината на десната. Станува збор за непрофесионален однос за кој треба да следува санкција“ – се вели во писмото на Ла Лига до Шпанската Фудбалска Федерација.
Во вакви случаи во минатото дисциплинците автоматски покренувале дисциплинска постапка, пракса што се очекува да биде применета и во случајот на Бејл.
Единствената дилема што членовите на дисциплинската комисија ќе треба да ја разрешат е дали со своето однесување тој ја провоцирал публиката (следи казна од четири до 12 натпревари неиграње) или пак гестот нема да биде оценет како провокација (еден до три меча суспензија).
Со оглед на реакцијата на навивачите на Атлетико се очекува Бејл да биде казнет за провокација, но да добие суспензија меѓу четири и пет натпревар, далеку под максималните 12 меча неиграње бидејќи испадот сепак не е толку сериозен за да следи најригорозната казна од предвидените.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА