Герет Бејл го постигна голот за победа на Реал Мадрид против Леванте, но велшкиот ас потоа одби да го прослави погодокот вреден три бода со соиграчите. Лукас Васкез прв притрча да му честита на Бејл, но овој му ја тргна раката трчајќи назад кон сопствената половина, како најнов доказ дека Бејл веќе подолго време е несреќен во Мадрид.
Според весникот „Ас“, велшкиот интернационалец е во војна со целиот тим на Реал Мадрид, особено откако Марсело и Куртоа во јавноста изнесоа детали од неговиот приватен живот, откривајќи дека во сите овие години не научил шпански јазик и дека воопшто не се дружи со било кој соиграч од „кралскиот клуб“.
Впрочем, на последната тимска вечера организирана од неколку фудбалери на Реал не биле присутни само Крос (морал од приватни причини да замине за Германија) и Бејл, кој наводно им соопштил на соиграчите дека мора порано да си легне во кревет.
Одлуката на Бејл е јасна – што поскоро да си замине од Мадрид откако атмосферата во тимот стана неподнослива за него. Трансферот се очекува во јули, а дотогаш ќе се знае и следната дестинација, дали назад во Премиер-лигата, или пак во „Серија А“, каде Милан и Јувентус покажуваат сериозен интерес за Велшанецот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА