Реал Мадрид со многу мака успеа да остане непоразен на гостувањето против Вилјареал (2-2), а најзаслуен за тоа е Герет Бејл, кој со два гола не дозволи „кралевите“ да го претрпат првиот овосезонски пораз. Иако често критикуван и од навивачите и од тренерот Зидан, велшкиот ас уште еднаш ја потврди својата вредност за „кралскиот клуб“, откако беше на чекор до трансфер во Кина во овој преоден рок.
Вилјареал двапати стигнуваше до предност на оваа средба. Домаќините најпрвин поведоа преку Жерар Морено, чиј гол беше поништен поради офсајд, а потоа признат по прегледување на снимката со ВАР. „Кралевите“ израмнија пред самиот крај на полувремето по една одлична тимска акција и асистенција на Карвахал, по која Бејл немаше тешка задача да ја смести топката во мрежата.
Избраниците на Зидан се обидоа да направат пресврт на стартот од вториот дел, но како што одминуваше времето, така Вилјареал повторно ја преземаше контролата. „Жолтата подморница“ повторно поведе во 74. минута со голот на Мои Гомез, но победничката атмосфера на „Ел Мадригал“ ја прекина Бејл со својот втор гол.
Велшанецот одличната партија ја расипа со непотребно груб старт во 94. минута, за кој доби втор жолт картон и беше исклучен, па ќе го пропушти следниот меч со Леванте на „Сантијаго Бернабеу“, закажан за 14 септември.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА