Герет Бејл во досегашната кариера успеа да ги освои сите најважни титули на клупски план, но ако постои нешто што крилниот фудбалер го прави со посебна страст, тоа е играњето за својата нација и носењето на дресот на Велс.
Бејл и компанија синоќа го остварија својот најголем сон, откако Велс за првпат се пласираше на едно Светско првенство по пауза од 64 години, успех кој направи Герет да зборува со емоции кои никогаш досега не ги покажал како член на Тотенхем и Реал Мадрид.
Велшанецот беше клучен за многу важни трофеи кои ги освои Реал во минатото, но никогаш не зборувал со страст и емоции како по победата над Украина која ја однесе неговата репрезентација на најголемото фудбалско случување.
„Ова не може да се објасни со зборови. За ова работев од првиот ден кога дебитирав за селекцијата, ова е резултат на нашите кариери. Не постои подобро од ова, ова е нешто уникатно за нас, за нашите навивачи, за нашата земја. Ова е неверојатен успех и ќе го прославиме како што треба. Ќе бидеме горди до крајот на нашите животи. Ова значи се за мене, ова е последниот дел од сложувалката, си го остваривме сонот“, изјави Бејл.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА