Герет Бејл е подготвен да се врати назад во Реал Мадрид и да ја одработи последната година од договорот со „кралевите“, но има само еден услов – Зинедин Зидан во меѓувреме да си замине од клупата на најтрофејниот шпански клуб. Велшкиот ас по долго дремење на клупата на крајот реши да си замине од Мадрид, но само на едногодишна позајмица во Тотенхем.
Иако се очекуваше лондонскиот клуб да се обиде на крајот од сезонава да го откупи неговиот договор со Реал, Бејл има поинакви планови. Тој е решен да се врати назад во Мадрид, уште повеќе ако се земат во предвид најавите дека сезонава ќе биде последна за Зидан на клупата на „кралевите“. Шпанските медиуми тврдат дека Зизу сигурно ќе си замине поради неисполнетите ветувања на управата околу засилувањата на играчкиот кадар, а Бејл го чека токму тоа.
Според велшкиот репрезентативец, тренерот Зидан е единствениот виновник за неговата ситуација во Реал. Зизу воопшто не сметаше на Бејл, фудбалерот возврати со незаинтересираност на тренинзите и на натпреварите, па разделбата беше неизбежна. „Кралевите“ дадоа зелено светло за позајмица во Тотенхем, па дури и плаќаат половина од неговата огромна плата од 30 милиони евра по сезона, но како што стојат работите, Бејл ќе се врати назад на „Бернабеу“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

