Бејл со хет – трик го одведе Реал Мадрид во финалето на клупскиот Мундијал

Реал Мадрид ќе ја брани титулата на Светското клупско првенство кое се одржува во Абу Даби и во финалето ќе ги одмери силите со домашниот тим на Ал Аин. „Кралскиот клуб“ со 3-1 го совлада јапонскиот претставник Кашима антлерс во полуфиналната пресметка. Човек на одлука беше Велшанецот Герет Бејл, кој постигна хет – трик, додека почесниот погодок за Кашима го постигна Шома Дои.

Бејл е само третиот играч во историјата на кого му успеало да постигне хет – трик на клупскиот Мундијал. Тој се приклучи во друштвото на Кристијано Роналдо и на Луис Суарез.

Кашима одолеваше на нападите на европскиот првак до 44.минута, кога Герет Бејл го проби мразот со првиот гол. Во вториот дел, велшкиот интернационалец стрелаше и во 53. и во 55.минута и го реши натпреварот. Потоа Кашима успеа да стигне до почесен гол и конечни 3-1.

Финалето меѓу Реал Мадрид и Ал Аин ќе се одигра в сабота (17.30 часот), додека претходно, од 14 часот, во дуелот за третото место ќе се сретнат Ривер Плата и Кашима антлерс.

Се вчитува...