Поранешниот светски рекордер на 100 метри, Донован Бејли, верува дека Усеин Болт ќе се прости од атлетиката на величествен начин на претстојното Светско првенство во Лондон.
Најбрзиот човек во светот немаше премногу импресивни резултати во подготовките пред светскиот шампионат, најдобриот резултат Болт го постигна на трката во Монако на која на 100 метри истрча 9.95 секунди. Многу спринетри сезонава имаа подобри резултати од светскиот рекордер, но според Бејли, и покрај тоа 30-годишниот Болт сепак останува прв фаворит за четвртата титула на 100 метри.
„Секој што ќе се обложи против Болт не е многу паметен. Сите атлетичари би морале да имаат трка без ниедна грешка за да можат да го направат интересно финалето на 100 метри“ – изјави Бејли за ривалите на Болт на претстојното СП во Лондон.
Усеин Болт има седмо најдобро време оваа година, а најдобриот резултат сезонава го оствари Американецот Кристијан Колман кој истрча 9.82 секунди. Сонародникот на Болт, Јохан Блејк е втор со заостанување од осум стотинки, а зад него е Акани Симбине од Ј.Африка кој истрча 9.92 секунди.
Поранешниот спринтер на Тринидад и Тобаго, Ато Болдон, кој ја освои титулата светски шампион на 100 метри во 1997 година, смета дека единствено Блејк има шанси да го загрози триумфот на Болт во Лондон.
„Доколку Блејк е здрав, може да биде вистинска закана за Болт. Не видов никој друг годинава да покаже дека е подобар од Болт во последните 50 метри“ – вели Болдон.
Усаин Болт на СП во Лондон ќе трча во две трки – на 100 метри и во штафетата 4х100 метри и најави дека ова ќе му биде последниот настап во кариерата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА