Џеред Батлер ќе биде најновото засилување на Црвена Звезда, откако српскиот тим успеал да излезе како победник од трката по овој 25-годишен кошаркар кој ќе пристигне од НБА-лигата.
Олимпијакос важеше за фаворит во трката по Батлер, нудејќи му двогодишен договор со загарантирани три милиони долари плус бонуси, но Џеред барал гаранции за минутажа поради огромната конкуренција во тимот, по што преговорите биле прекинати. Партизан исто така испратил понуда за овој кошаркар, но Батлер на крајот ја прифатил понудата на Црвена Звезда и доколку не дојде до пресврт во последен час, тој до крајот на оваа седмица ќе допатува во Белград на лекарски прегледи и потпис со новиот клуб.
Станува збор за играч на позициите еден и два кој има настапувано за Јута, Оклахома Сити, Вашингтон и за Филаделфија. Тој летово се пресели во Феникс, но „сонцата“ минатата седмица решија да му го раскинат договорот, по што Батлер се одлучи за предизвикот наречен Евролига.
Овој 25-годишен кошаркар има одиграно вкупно 148 средби во НБА, на 19 од нив беше стартер, при што имаше просек од 6,7 поени и 2,8 асистенции по натпревар, со 34% прецизност на ударите за три поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

