Бекер со порака до Ѓоковиќ: Враќај се на работа!

Роџер Федерер и Рафаел Надал се враќаат во центарот на вниманието во тенискиот свет со уште едно големо финале сезонава, на турнирот во Мајами, а во меѓувреме, стариот рекет број еден, Новак Ѓоковиќ полека се губи од фокусот. Тоа предизвика реакција кај неговиот поранешен тренер, легендарниот Борис Бекер, да го потсети дека е време да ги земе работите во свои раце.

Ѓоковиќ доби 11 од 14 мечеви во 2017 година, но освен трофејот на турнирот во Доха, на почетокот од сезонава, Србинот нема друга титула и е далеку од нивото на кое беше во претходните години. На Австралија опен, Ѓоковиќ беше сопрен уште во второто коло. Во Акапулко стигна до четвртфиналето, а потоа во Индијан Велс беше елиминиран во осминафиналето. И на крај, поради повреда го прескокна турнирот во Мајами на кој Федерер и Надал ќе се борат за титула.

Сето ова го испровоцира неговиот поранешен тренер, Борис Бекер, да му испрати порака на Ѓоковиќ и да го потсети дека е време да се врати во игра.

„Се надевам дека ова го гледа мојот човек Новак Ѓоковиќ. Време е да ги исчистиш своите патики, да го „поправиш“ рекетот и да се вратин на работа!“ – напиша Бекер на својот профил на Твитер, по полуфиналето на Мастерсот во Мајами.

Според најавите, Ѓоковиќ на терен треба да се врати следната недела во настапот за Србија против Шпанија во Дејвис купот. А, потоа го очекува настапот на Мастерс турнирот во Монте Карло.

becker

Се вчитува...