Беќири и Ибраими пред Слован Братислава: Покажавме дека како домаќини можеме против секого

Шкендија утре во рамките од петото коло во групната фаза во Лигата на Конференции, во Скопје го дочекува тимот на Слован Братислава. Пред мечот, тренерот Јетон Беќири ги искажа своите очекувања од овој меч.

Беќири се надева дека Шкендија ќе одигра уште еден квалитетен натпревар во Европа, и дека овојпат ќе дојде до бодовите.

„Играме против квалитетна екипа која лани играше во Лигата на шампионите, ние како секој натпревар во Скопје искрено секогаш играме квалитетно, се надевам дека и утре ќе бидеме на едно добро ниво, затоа што овие се два исклучително важни натпревари за нашата екипа, и секогаш со поддршка од публиката, со давање на максимум се надевам дека ќе дојдеме до добар резултат. Според она што го поседува противничкиот тим, според сите параметри морам да кажам дека се лесен фаворит, но ние покажавме дека можеме да се носиме со секој на домашен терен, и се надевам дека ќе бидеме екипата која ќе се радува“, рече Беќири.

Истото го мисли и капитенот Бесарт Ибраими, надевајќи се дека овојпат среќата ќе биде на страната на Шкендија во обидот да се дојде до трите бода.

„Знаеме колку ни значи овој меч, со три бода можеме да одиме чекор напред. Дома играме добро дури и со посилни противници и сме подготвени да дадеме се од себе. Среќата не беше со нас на последните два меча, се надевам дека утре ќе се сврти и ќе биде со нас, и подготвени сме овој пат да дојдеме до три бода“, додаде Ибраими.

Се вчитува...