Беќири: Ја оставаме и натаму фаворитската улога на ФЦСБ, но ќе биде интересно во Букурешт!

Тренерот на македонскиот шампион Шкендија, Јетон Беќири не го криеше задоволството од победата на „црвено-црните“ над романскиот шампион ФЦСБ од 1-0 во првиот натпревар од 2. квалификациско коло во Лигата на шампионите.

Тетовци сега ги подгреаја надежите и за пласман во 3. квалификациско коло од ЛШ, нешто кое досега не му успеало на ниту една македонска екипа во овој формат, но Беќири повикува на реалност оставајќи ја и натаму фаворитската улога за пласман понатаму на ФЦСБ.

„Секако дека сум задоволен од пожртвуваноста и дисциплината на нашите фудбалери. Мислам дека почнавме со голем респект кон противникот, дозволувавме и грешки по кои можеа да на казнат, но знаевме дека ќе биде така затоа што играме против една навистина квалитетна екипа“ – истакна Беќири на прес-конференцијата по натпреварот, притоа дополнувајќи:

„Ова се само први 90 минути а клучните ќе бидат во Букурешт. Мора да останеме присебни, цврсто на земја, затоа што е јасно дека улогата на фаворит и натаму ја оставеме за ФЦСБ. Но, во Букурешт знаеме дека ќе го дадеме максимумот, и верувам дека ќе биде навистина интересно. Важно е во Романија да покажеме вистинска енергија како тим, и тоа може да ни донесе историски резултат“.

Реваншот меѓу ФЦСБ и Шкендија во Букурешт се игра на 30. јули.

Се вчитува...