По триумфот над Шелбурн во Лигата на Конференции, Шкендија утре ја очекува меч против Јагиелонија од Полска на Националната Арена „Тодор Проески“, во обид да се освои уште некој бод во битката за нокаут фаза од ова натпреварување.
Од тетовскиот тим се уверени во нов успех на меѓународна сцена. На денешната прес-конференција, тренерот Јетон Беќири истакна дека противникот е добро анализиран.
„Го анализиравме противникот. Јагиелонија е силен тим кој доаѓа од првенството на Полска, можеби се мали фаворити на хартија, меѓутоа ние по традиција играме добро на Арената во Скопје. Веруваме дека ќе успееме да оствариме позитивен резултат. Мислам дека Јагиелонија е и поквалитетен ривал од Шелбурн, според карактеристиките имаат поголеми сличности со Шкендија, па ќе се потрудиме да извлечеме максимум и од овој меч.“, изјави тренерот на Шкендија, Јетон Беќири.
Очекувањата од овој меч ги истакна и фудбалерот Арбин Зејнулаи.
„Се подготвувавме квалитетно, ја анализиравме Јагиелонија, се работи за силен тим, но веруваме во нашите квалитети и ќе сториме се да стигнеме до нов успех.“, изјави Зејнулаи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

