Јетон Беќири може да биде задоволен откако Шкендија рутински ја мина и втората пречка во домашното првенство, лесно славејќи со 1-3 на гостувањето против Македонија ЃП.
Стратегот на Шкендија повторно го изротира тимот во период кога тетовци играат два пати неделно поради обврските во европските купови, но тоа не се одрази врз играта и „црвено-црните“ лесно стигнаа до бодовите во Ѓорче Петров.
„Задоволен сум бидејќи ја остваривме целта, дојдовме за да ги освоиме трите бода и успеавме во тоа. Нормално е да има ротации поради заморот од настапите во Европа, секој играч во овој тим на Шкендија заслужува да добие шанса, минути да ги покаже своите квалитети. За нас е многу важно да победуваме во почетните 4-5 рунди бидејќи потоа кога ќе почнат и далечните патувања во европските купови, ќе ни биде уште потешко. Затоа, треба да собереме што повеќе бодови до крајот на август“, изјави Беќири.
Стратегот на Шкендија гласно говореше против условите за игра, жалејќи се на теренот во Ѓорче Петров.
„Изненаден сум како може меч од Првата лига да се игра на ваков терен. Еве, јавно повикувам луѓето кои се компетентни да извршат контрола на сите терени бидејќи ова е спротивно на секоја фудбалска логика… сега мечевите се директно пренесувани, воведена е и ВАР-технологија, а теренот е неверојатен, со толку висока трева, со дупки кои директно влијаат врз квалитетот на играта, но и врз здравјето на фудбалерите. Јас морав да направам една замена на полувремето бидејќи еден наш фудбалер се повредил газејќи на дупка, какви што имаше многу на теренот денеска“, изјави Беќири.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

