Шкендија загуби од Вардар по цели осум години. И тоа пред своите навивачи во дербито на 10. коло од Првата македонска фудбалска лига.
Факт е дека македонскиот шампион не беше на нивото на кое игра оваа сезона, па како казна за таквото издание дојде и поразот од Вардар, за што искрено признава и тренерот Јетон Беќири.
„Да бидам искрен, се на овој натпревар како да одеше против нас, и пропуштените шанси во првиот дел, а потоа и пеналот, и на крај и тој несреќен мал офсајд. Кога е одговорноста во прашање, па и во овој случај, одговорноста паѓа на тренерот, односно на мене. Сè што ни треба во овој момент е да останеме мирни и добро да се подготвиме за следните предизвици“ – вели Беќири.
Стратегот на тетовци вели дека воопшто не го потцениле Вардар….
„Ова се дерби мечеви и секако не може да има потценување. Може само да кажам дека многу фудбалери во напаѓачкиот дел се надвор од форма и тој проблем мора да го решиме наредниот период. Многу малку сме опасни во нападот, а не знаеме во исто време и да ги користиме ниту грешките на противникот. Тоа е многу загрижувачко во моментов, и ќе работиме на тоа“ – истакнува Беќири.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

