Шкендија ја заврши најдобрата европска сезона во историјата, со елиминацијата од турски Самсунспор во битката за осминафинале во Конференциската лига на УЕФА.
По синоќешниот пораз од 4-0 на гостувањето во Турција, шефот на стручниот штаб на тетовци, Јетон Беќири ги презентираше впечатоците од двомечот со Самсунспор, но и за целокупната европска сезона.
„Сакам да и честитам на екипата на Самсунспор за пласманот во осминафинале, мислам дека го заслужија тоа во двата натпревари. Што се однесува до натпреварот, бевме многу добри во првото полувреме, потоа еден случаен пенал и заморот си го земаа данокот, а потоа доживеавме тежок пораз, кој според она што го покажавме во првото полувреме, не го заслуживме“ – рече Беќири, притоа дополнувајќи:
„Да бидам искрен, очекував да бидеме компактен тим и до крај ќе се бориме за осминафинале, а не така убедлив пораз. Но, како што ви кажав претходно, еден пенал момент или дури и натпреварот одигран во недела во многу тешки, катастрофални, услови на теренот против Силекс во македонското првенство, верувам дека има големо влијание и во второто полувреме дојде заморот на играчите. А, потоа следеа уште три гола.“
Што се однесува за целокупната европска авантура…
„Секако, по овој натпревар нашата европска авантура завршува. Најпрво би сакал да им се заблагодарам на сите играчи за дадениот максимум бидејќи вкупниот успех на клубот за време на ова натпреварување беше извонреден, и покрај последниот пораз кој беше тежок пораз. Исто така, сакам да ја изразам мојата благодарност до целиот клуб, од сопствениците, до раководството на клубот, вработените, администрацијата, бидејќи беше напорна сезона за нас, беше ново искуство за нас. Сега сè што ми преостанува е целата концентрација и фокус да се вратиме во македонското првенство и се надевам дека и во првенството и во Купот ќе го дадеме нашиот максимум. Убеден сум дека со максимална посветеност ќе излеземе со позитивни резултати на крајот од сезоната“ – рече Беќири.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

