Беќири пресреќен: Сонот продолжува, направивме голема работа…

Јетон Беќири има причина да биде горд на својот тим откако со Шкендија испиша историја како прв македонски тим што успеал да обезбеди пласман во нокаут фазата од едно европско натпреварување.

Тетовци и покрај поразот од АЕК Ларнака стигнаа до 22. место на табелата, па сега во следната рунда ги очекува двомеч со Лех или со Самсунспор (ждрепката е закажана за јануари).

„Остваривме нешто многу важно и секако дека емоциите се крајно позитивни. Прво сонувавме да влеземе во Конференциската лига, успеавме… потоа сонувавме да стигнеме до нокаут-фазата, успеавме и во тоа. Сонот продолжува, секако дека ќе сториме се да го минеме и следниот ривал. Во овие шест средби покажавме стабилност, искуство, со малку среќа можевме да имаме и повеќе бодови и подобар пласман, но и оваа позиција е огромен успех за Шкендија“, вели Беќири.

Тој напомена дека приоритет за Шкендија ќе биде одбраната на титулата во македонското првенство каде тетовци заостануваат зад Вардар и Струга ТЛ.

„Настапот во Европа ќе биде само „луксуз“ во кој треба да уживаме во вториот дел од сезоната, она што ќе биде најважно е битката за трофеите во првенството и во Купот, тоа ќе биде наш приоритет во првите месеци од 2026’“, порача Јетон Беќири.

Се вчитува...