Беќири: Требаше да славиме и по 90 минути, но најважно е што сме во следната фаза

Македонскиот фудбалски шампион Шкендија славеше на домашен терен против ТНС со 2-1 по продолженија во натпревар од 1. квалификациско коло во Лигата на шампионите.

Стратегот на тетовци, Јетон Беќири, имаше причина за задоволство по овој успех на својот тим, со што Шкендија го продолжува учеството во квалификациите за ЛШ каде за следен противник ќе го има романскиот ФЦСБ (поранешна Стеауа).

„Играта не беше на нашето посакувано ниво, сепак успеавме да создадеме бројни шанси од кои искористивме само една. Моравме да го решиме мечот по 90 минути игра, не успеавме во тоа, но мора да се потенцира дека поради жештината условите за игра беа многу тешки. Задоволен сум бидејќи ја остваривме целта – се пласиравме во следната фаза“, изјави Беќири на прес-конференцијата по мечот.

Тој го прокоментира и претстојниот предизвик за Шкендија, двомечот со екипата на ФЦСБ.

„Стеауа е сериозен противник со голема традиција, ќе го почитуваме, но верувам дека со добро издание на теренот можеме да стигнеме до позитивен резултат. Сметам дека против таков тип на противници ќе играме полесно отколку со ТНС.  Ние сме шампиони на Македноија и мораме да сториме се за да го претставиме нашиот фудбал што е можно подобро на европската сцена“, додаде стратегот на Шкендија.

Се вчитува...