Беќири: Веќе постигнавме една цел, но верувам дека можеме да испишеме нова историја

Шкендија утре на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје ја пречекува екипата на Карабах во рамките од првиот меч од 3. квалификациско коло во Лигата на шампионите.

Јетон Беќири, тренерот на шампионот ги искажа своите очекувања пред мечот со тимот од Азербејџан. Тој рече дека го почитува противникот, но дека треба да се даде максимум, дури и над можностите за да се мине и оваа пречка.

„Најпрво без разлика кој е противник, ние треба да бидеме во нашето можно ниво. Низ анализите, низ подготовки ќе се обидеме да го извлечеме нашето најдобро издание. Мислам дека Карабах е доста квлитетна екипа, затоа што во последните 12 години, тие се 11 пати шампиони, само еднаш загубиле првенство. Имаат тренер е речиси 17 години таму без прекин. Исклучително добар тренер и добар стратег. Имаме наши сметки, сакаме да бидеме сериозна екипа, прво да го почитуваме противникот, но да се почитуваме и себе си и да дадеме максимум. Да одиме на границата на нашите можности, затоа што на овие мечеви треба да се надминеме себе и да дадеме максимум. Вкупниот победник ќе се одлучи во Баку, но треба да бидеме многу внимателни, тие се квалитетна екипа, но треба да имаме многу доверба во нашите можности. Ако се претставиме во добро светло, имаме шанси за добар резултат“, изјави Беќири.

Беќири смета дека ФЦСБ е подобра екипа од Карабах, но дека азербејџанскиот тим има нешто посебно во себе што го издвоји на прес-конференцијата.

„Јас мислам дека секој противник има свој квалитет и своја тежина, и секако дека мислам дека ФЦСБ беше поскапа екипа и има поголема историја во споредба Карабах. Но, Карабах е дисциплирана екипа. Со години се финансираат многу пари. Предноста на Карабах е тоа што играат некои играчи веќе неколку години заедно. Фудбалот е убав, фудбалот е интересен, и ние веќе имаме постигнато една цел. Ако успееме да останеме гладни и на земја, и мислам дека можеме да поминеме добро од овој двомеч“, вели Беќири и веднаш додава:

„Очекувам некој добар Карабах. Колку добро ќе игра противникот, зависи од нас. Колку добро ќе играме ние, зависи од противникот. Имаме сили, имаме добро да го презентираме нашиот фудбал, и имаме сили на нашиот тим да му донесеме нешто посериозно, што се однесува до рејтингот и до сите компоненти. Да се почитува дресот, да се дава максимумот и повеќе од тоа, и да оставиме теренот да покаже. Секој бод, секоја победа за нас е многу важна. Јас се радувам  на победите и на другите екипи затоа што не смееме по ниту една цена да паднеме под 50 место на клупскиот рејтинг. Не сакам да одговорам политички, но сакам од срце, за мене не е важно која екипа прави резултати, секогаш навивам на нашите екипи. Многу е важно македонскиот фудбал да се подигне на повисоко ниво, и тоа ни носи бенефит на сите, на другите клубови“, изјави Беќири.

Се вчитува...