Шкендија утре во рамките од 1. квалификациско коло во Лигата на шампионите, гостува кај шампионот на Велс, екипата на ТНС. Македонскиот првак е во близина на градот Освестри, кој официјално е на територјата на Англија. Мечот е на програмата утре во 20:00 часот.
Тренерот на „црвено-црните“, Јетон Беќири очекува неговите играчи да го дадат максимумот. Исто така е уверен дека екипата ги има сите точни информации за противникот, и дека ќе извлече добар резултат пред реваншот.
„Целосно сме подготвени да се соочиме со утрешниот противник. Од почетокот на подготвителната фаза работевме многу сериозно и по ждрепката сме подготвени за утрешниот натпревар. Верувам дека тимот и играчите ќе го дадат својот максимум утре.“, вели Беќири, и надополнува:
„Верувам дека добро ги анализиравме, имаше и неофицијални натпревари кои главно беа снимени со непрофесионални камери. Но, верувам дека успеавме да ги добиеме точните информации. Има три или четири промени во тимот, главно станува збор за стандардна формација што ја користат. Се надевам дека им дадовме доволно и точни информации на играчите од кои очекувам да го дадат својот максимум утре и да излезат со позитивен резултат.“, изјави Беќири.
Бесарт Ибраими, кој беше дел од екипата во 2018 година кога Шкендија го елиминираше ТНС, се надева дека ќе се повтори истото сценарио од пред седум години, во однос на пласман во следната фаза.
„Да бидам искрен, го познаваме ТНС како противник, ги анализиравме и ги знаеме нивните позитивни и негативни страни. Познавајќи ги од минатото и со позитивни спомени од времето кога ги елиминиравме, среќни сме што повторно ќе играме и се надевам дека ќе го сториме истото повторно. Тој пораз од 2018 година на овој стадион не треба да влијае врз нас, бидејќи ако го анализирате првиот натпревар, победивме со голема разлика и мислевме дека тука ќе биде лесно. Но, сега сме свесни и убедени дека тие играат подобро на свој терен. Важно е да не изгубиме утре, за да можеме да доминираме на реваншот и да се квалификуваме во следната фаза“, изјави Ибраими.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

