Белами: Можеби на крајот ќе излезе драгоцен овој бод за нас

Крејг Белами, селекторот на Велс по мечот даде свој коментар за бодот остварен во последните секунди од мечот во Скопје.

Тој изрази и жалење, но и задоволство со оглед на случувањата во последните мигови. Вели дека почувствувал дека натпреварот не е загубен, и призна дека по израмнувањето многу му олеснало.

„Последните шест минути да бидам искрен не сакав да гледам во семафорот. Имавме контрола на играта, бевме подобар противник, но фудбалот знае да биде суров понекогаш. Големо олеснување почувствував кога дадовме гол. Можеби сме разочарани што не успеавме да победиме, но на крајот кога ќе се погледне треба да бидеме задоволни и со бодот. Може да излезе дека овој бод ќе биде драгоцен, но според играта требаше да ги освоиме сите три. Имавме добри резултати пред да дојдеме тука. Чувството ми е дека требаше да ги освоиме трите бода“, рече Белами.

Дали може да се очекува дека битката за првите две места ќе се одлучува помеѓу Белгија, Велс и Македонија?

„Не сум сигурен дека Македонија може да им земе бодови на Белгија. Тие се силни, и главни фаворити“, кажа Белами.

Се вчитува...