Репрезентацијата на Белгија е нов европски првак во кошарка за жени откако оваа селекција славеше во големото финале во Љубљана против Шпанија, со резултат 64-58. Белгијките, кои во квалификациите за ЕП два пати ја декласираа и Македонија, одиграа импресивно во текот на целиот Евробаскет, забележаа победи од првата до последната средба и заслужено се искачија на тронот на кошаркарска Европа.
Шпанија благодарение на цврстата одбрана го диктираше темпото во првото полувреме, во кое Белгијките се мачеа да најдат пат до кошот и на одмор се замина со водство на „црвената фурија“ од 32-25. Шпанките доминираа се до финишот од третата четвртина, кога имаа предност од десет поени, но малиот пад на концентрацијата беше жестоко казнет, па Белгија за една минута намали на само пет поени негатива (48-43). Полни со самодоверба, белгиските кошаркарки одиграа импресивно во последниот период, во 35. минута стигнаа до првото водство на мечот и на крајот заслужено стигнаа до златниот медал (10-21 во последните десет минути).
Во главна улога беа високите белгиски репрезентативки, Меселман имаше 24 поени, осум скока и пет украдени топки, додека Кјара Линскенс оствари дабл-дабл од 18 поени и 15 скокови. Во таборот на Шпанија најефикасни беа Касас со 14 и Карера со 12 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

