Белгија е фаворит, но на „Тодор Проески“, никој не поминува лесно

Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва на домашен терен ќе ја пречека Белгија во натпревар од 3. коло од квалификациите за пласман на Светското првенство кое што следната година ќе се игра во САД, Канада и Мексико.

Нашите фудбалери по првите две кола имаат четири бода (победа против Лихтенштајн, и несреќно реми дома против Велс), додека Белгијците вечерва го играат првиот натпревар од овој квалификациски циклус.

Иако Белгијците се големи фаворити, како што вели и капитенот Енис Барди, ретко кој успеал да ја надигра нашата репрезентација на арената „Тодор Проески“.

„Подготвени сме за овој меч, знаеме дека е квалитетна репрезентација Белгија. Знаеме што значи да се игра дома, и секој играч мора да има одговорност и да покажеме дека дома тешко може некој да нe победи. Италија и Англија тука не нѐ победија. Треба да мислиме ние како ќе изгледаме, и ако дадеме максимум се ќе биде поинаку и подобро“, изјави Енис Барди.

Селекторот Милевски вели дека иако јунскиот циклус традиционално ни е најтежок, тоа мора сега да се промени.

„Овој јунски период ни е години наназад некако проблематичен. Што се однесува до сега, јас кажав дека мораме да го смениме тој менталитет. Тоа што го видов во изминатите седум дена, ми дава за право да бидам оптимист дека овој јуни ќе биде поинаков, дека менталитетот на играчите е спротивен од оној како до сега, одлична атмосфера, одлична енергија како предуслов да бидеме на нашиот максимум. Без разлика на проблемите кои ги имаме со играчкиот кадар, можеме да дојдеме до позитивен резултат. Индивиуалниот квалитет е на страна на Белгија, но тимот го носи позитивниот резултат“, вели Милевски.

Натпреварот кој ќе се игра на арената „Тодор Проески“ во Скопје е со почеток во 20.45 часот.

Се вчитува...