Фудбалската репрезентација на Белгија наскоро би требала да добие нов селектор откако Доменико Тедеско ја загуби довербата не само на раководството на федерацијата, туку и на фудбалерите во националниот тим.
Тедеско влезе во конфликт со неколку стандардни првотимци, па така голманот Куртоа уште пред извесно време најави дека нема да настапува за „црвените ѓаволи“ додека тој се наоѓа на кормилото на националниот тим. Ситуацијата се влоши по трите порази во низа, од Франција со 1-2, Италија со 0-1 и шокантниот пораз од Израел со 0-1, што придонесе да се зголеми хаосот во соблекувалната и нетрпеливоста меѓу селекторот и фудбалерите.
За утре е закажан состанок на Бордот на директори на федерацијата на кој една од главните точки ќе биде токму иднината на селекторот. Белгиските медиуми најавуваат дека незадоволството на играчите ќе биде главен фактор и дека поранешниот тренер на Лајпциг сигурно ќе добие отказ од функцијата, по што Белгијците во текот на следниот месец ќе ја почнат потрагата по нов кормилар кој ќе ја води оваа репрезентација во квалификациите за СП 2026.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА