Неверојатни 21 удар упати Канада, а само три во рамките на голот, но не постигна ниту еден гол. Канаѓаните имаа и шанси, и пенал, но не реализираа благодарение на Тибо Куртоа, а на спротивната страна едно нивно невнимание ги чинеше пораз.
Белгијците од двата удари кон голот на Борјан, реализираа еднаш благодарение на Батшуаи, за да ги освојат трите бода, но ако сакаат нешто повеќе ќе мора да ја поправат својата игра, затоа што Канада беше таа која доминираше и создаде големи проблеми во одбраната.
После водството на Белгија кон крајот на првиот дел, во второто полувреме контрите беа нивното најсилно оружје, но избраниците на Роберто Мартинез покажаа слабост и во реализацијата. Можеби недостатокот на Лукаку придонесе за нападот да биде анемичен. На другата страна, пак, и Канада не импресионираше со ефикасноста, па така не искористија ниту една од многуте шанси, и својата прилика ќе ја бараат на дуелите со Хрватска и со Мароко.
Канада покажа заби и покажа дека нема да биде само учесник на овој Мундијал, туку ќе бара шанса да биде дел од нокаут фазата, а следните две селекции ќе треба да бидат загрижени и многу внимателни во дуелот со оваа селекција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА