Белгијците се премислија – Бриж не е шампион?!

УЕФА на денешниот состанок уште еднаш ја повтори препораката до сите национални федерации домашните првенства да бидат финиширани, додавајќи дека ќе бидат донесени специјални одлуки за оние кои предвреме ќе ги завршат шампионатите.

Досега единствено Белгија објави крај на сезоната, но по заканите на УЕФА за неучество во европските купови сега белгиските прволигаши сериозно размислуваат да го променат ставот. Иако имаше едногласна одлука за прекин, новиот развој на настаните придонесе веќе за понеделник да биде закажан нов состанок на сите прволигашки екипи, кои сега бараат начин да го променат ставот.

Најважно ќе биде да се утврди форматот за натпреварување на остатокот од сезоната, тема за која сите клубови ќе дадат препорака пред да биде донесена конечната одлука в понеделник. Едно е јасно, самото одржување на состанокот е предзнак дека Белгијците ќе продолжат со фудбал, свесни дека не смеат да ги отфрлат препораките од УЕФА откако останаа единствени со одлука за прекин.

Се вчитува...