Белград веќе не е така пеколен: По Партизан, дома загуби и Црвена Звезда

Белградскиот пекол долго време им создаваше големи проблеми на противниците во Евролигата, но многу ретко се случило во два дена дома да загубат најпрвин Партизан,  а потоа и Црвена Звезда како што тоа беше случај во овие 24 часа. „Црвено-белите“ вечерва за противник го имаа Жалгирис, од кого по голема борба загубија со 91-93.

Мечот беше израмнет, но гостите во подолг период одржуваа минимална предност предводени од одличниот Кинан Еванс. Црвена Звезда не се предаваше борејќи се до самиот крај, но намерната лична грешка на Јаго во последната минута, надополнета со чудната судиска одлука кога Еванс се чини ја нагази линијата на средината од теренот, но тоа воопшто не беше прегледувано од арбитрите, придонесоа Жалгирис да забележи нова победа, за продолжување на фантастичната серија под водство на Андреа Тринкиери. Еванс беше предводник со 25 поени, 13 поени реализираше Шмитс, додека кај Црвена Звезда најефикасни беа Јаго дос Сантош со 21 и Недовиќ и Митровиќ со по 15 поени.

Панатинаикос во одличен меч славеше над Фенербахче со 74-63. Гостите од Турција подобро го отворија мечот и стигнаа до двоцифрена предност, но ПАО одигра извонредна втора четвртина што ја доби со 25-9, вртејќи го резултатот во своја полза и потоа контролирајќи ја предноста до самиот крај и конечните „плус 11“. Кендрик Нан беше прв стрелец со 23 поени, додека Лесор го заврши мечот со 13 поени, осум скока и две украдени топки.

Барселона рутински ја оправда фаворитската улога против Алба со лесна победа од 93-77. Вили Хернангомез ги предводеше стрелците на Барса со 18 поени, пред Лапровитола и Јокубаитис со по 13 поени.

Се вчитува...