Белингам се соочува со тешка казна поради говор на омраза (ВИДЕО)

20-годишната ѕвезда на Реал, Џуд Белингам се соочува со казна од Ла Лига, по скандалозното однесување кон својот 22-годишен сонародник, Мејсон Гринвуд на синоќешниот натпревар меѓу Гетафе и Реал Мадрид (0-2) во Ла Лига.

Белингам при еден дуел со Гринвуд неочекувано му дофрли – „силувачу!“. Камерите на мечот токму во тој момент се фокусираа на Белингам доловувајќи го неговиот напад со етикетирање на Гринвуд, поради што од Гетафе по мечот бараа од делегатот и таа снимка да биде вклучена во извештајот за натпреварот, а Белингам да добие соодветна казна.

Фудбалерот на Реал, откако Гетафе најавиле официјална жалба до Ла Лига, се соочува со можна суспензија и од еден месец ако се утврди дека ширел омраза со несоодветни навреди и клевети кон противничкиот фудбалер.

Гринвуд, како што е познато, до пред две години беше една од најголемите млади ѕвезди на англискиот фудбал. Детето на Манчестер јунајтед стигна и до првиот тим на клубот, беше рекламиран како еден од темелите на идниот Јунајтед, за да потоа животот целосно му се „преврти“. Неговата девојка и мајка на нивното дете, Хариер Робсон го обвини, и тоа преку социјалните мрежи, дека е насилен кон неа и дека ја силувал во неколку наврати.

Гринвуд беше уапсен и обвинет за обид за силување и физички напад. Но, до судење не дојде откако сите клучни сведоци се откажаа од сведочење па се претпоставува дека Гринвуд се договорил со жртвата. Сепак, и покрај ослободувањето од обвиненијата, изминатото лето Манчестер јунајтед го избриша од својот тим, по што се пресели во Гетафе.

Се вчитува...