Белингем ќе го пропушти плеј-офот во Лигата на шампионите

Реал Мадрид драматично го победи градскиот ривал Рајо Валјекано со 2-1 во натпревар од Ла Лига, откако Килијан Мбапе погоди пенал во 100 минута од продолжението. Меѓутоа, победата ја засени повредата на Џуд Белингем кој мораше да го напушти теренот уште по само 10 минути игра поради проблем со бутниот мускул на левата нога.

Белингем се здоби со повреда додека трчаше за топката и веднаш покажа знаци на болка, а потоа беше заменет со Брахим Дијаз. Според официјалниот медицински извештај на Реал Мадрид, Белингем ќе отсуствува околу еден месец. Тој со сигурност ќе ги пропушти следните шест натпревари: двата дуела против Бенфика во плеј-оф фазата на Лигата на шампиони, како и првенствените средби со Валенсија, Реал Сосиедад, Осасуна и Хетафе.

Во негово отсуство, се очекува Едуардо Камавинга да ја преземе клучната улога во средниот ред на „кралскиот клуб“.

Се вчитува...