Белорусија не е „баук“ во фудбалска Европа, ама досега беше кобна за двајца македонски селектори кои го предводеа националниот тим пред Игор Ангеловски. На 27.март 2015 година, Белорусија ја совлада Македонија со 1-2 во Скопје во квалификациите за ЕП 2016 и тоа беше крај на селекторската улога за Бошко Ѓуровски. Александар Трајковски донесе водство за Македонија на стартот од мечот, но Калачев израмни пред крајот на првиот дел, а Корниленко погоди во финишот за триумф на Белорусија.
По него, Љубинко Друловиќ дојде на кормилото на Македонија, издржа пет квалификациски мечеви, а последен му беше гостувањето во Белорусија и ремито без голови. Не му беше продолжен договорот, а за нов селектор беше именуван сегашниот, Игор Ангеловски.
Сега и Мрме оди на Белорусија, тестирајќи ги можностите на националниот тим по триумфот над Лихтенштајн. Желбите се да се оствари втората победа во низа, што одамна и се нема случено на фудбалска Македонија.
„Играме пријателски натпревар со Белорусија, но ќе го сметаме како квалификациски. Мора да одиграме мотивирано, иако противникот има подобар рејтинг од нас, за речиси сто позиции на ФИФА ранг-листата. Имаме доволен број на квалитетни играчи, иако младинските репрезентативци се префрлија во селекцијата на Благоја Милевски за пријателскиот меч со Бугарија. Сакаме да врземе две победи во низа“, изјави Игор Ангеловски во пресрет на денешниот пријателски дуел.
Ќе ги „начека“ ли Ангеловски Белорусите, како ‘одмазда’ за Бошко Ѓуровски и за Љубинко Друловиќ?! Мечот се игра вечерва, со почеток во 18 часот, на „Телеком Арена“ во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА